DSZI 2

07.03.2024 Скопје

Казните за родителите или старателите на децата кои не се вакцинирани во време на епидемија, каква што  е прогласена во Скопје,изнесуваат од 300 до 650 евра, вели директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Рената Младеновска.

На прашањето дали досега има парично казнети родители, одговорот е потврден и дека тие деца сепак одат во градинка заедно со вакцинираните деца, и дека со тоа проблемот докрај не е решен.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе забрани посета во градинки на деца кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на Комисијата за заразни болести како советодавно тело на министерот за здравство, биде прифатена и со одлука, а Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот вршење вонредни инспекциски надзори заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДТП вакцина“, изјави Младеновска.

По најновите препораки од вчерашната седница на Комисијата за заразни болести за спречување на ширењето на голема кашлица таа посочи дека надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање на родителите кои не вакцинирале дете.

КЗБ на вчерашниот состанок, како што рече Младеновска, донесе препорака Државниот санитарен и здравствен инспекторат да се вклучи во активност вршење вонредни инспекциски надзори што се однесуваат на забрана на примање деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани со вакцина ДТП согласно редовниот календар за имунизација, а се со цел да се интензивира офатот на вакцинирање во услови на епидемија на пертусис – голема кашлица, прогласена на територија на Скопје.

Младеновска потсети дека од почетокот на епидемијата контролата на вакциналниот статус на децата згрижени во предучилишните установи ја врши Министерството за труд и социјална политика, согласно нивната законската регулатива, што ја уредува документацијата за прием на деца во овој тип на установи, вклучувајки и доставување на потврда за вакциналниот статус.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, истакна, согласно своите надлежности при вршење на редовни инспекциски надзори, не врши увид во потврдите за вакцинален статус на децата згрижени во детските градинки.

Подготвено од М.Д.

About Author