super market pazaruvanje ceni

05.03.2024 Скопје

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска ги повика пратениците да го изгласаат предлог-законот за нефер трговски практики, затоа што, како што изјави, смета дека само на тој начин институционално ќе се реши проблемот со евентуално зголемување на цените кои не се пазарни.

Битиќи истакна дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) е секојдневно на терен.

„Во прв момент кога ќе ни стигне извештајот дали и кои производи имаат зголемени цени, ќе се укаже и во јавноста, особено ако тоа се прави на организиран начин“, изјави вицепремиерот по настанот за Индустрискиот ден на НАТО.

Во врска со Комисиајта за заштита на конкурентност, тој информираше дека веќе има една претставка, и очекува новиот состав на Комисијата да ја забрза работата и доколку забележи организиран начин на зголемување на цени, тоа да го спречи.

Битиќи ги повика пратениците да го изгласаат предлог-законот за нефер трговски практики кој е денеска на комисиска расправа во Собранието.

Овој предлог-закон треба да помине и на законодавно-правната комисија за потоа пратениците да расправаат за него на пленарна седница.

Со донесувањето на предлог-законот се очекува да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот на снабдување со земјоделство и храна. Надлежните очекуваат да се стави крај на нелојалната конкуренција во трговијата и дека овој закон ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

Подготвено од М.Д.

About Author