debelina

01.03.2024 Скопје

Според глобалните проценки, повеќе од една милијарда луѓе ширум светот се борат со дебелината.

Податоците од 2022 година вклучуваат околу 880 милиони возрасни и 159 милиони деца, а највисоки стапки на дебелина се во Тонга и Американска Самоа за жени и во Американска Самоа и Науру за мажи, со околу 70-80 отсто од возрасните кои живеат со дебелина.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека во периодот меѓу 1990 и 2022 година, дебелината во светот кај жените се зголемила од 8,8 отсто на 18,5 отсто, а кај мажите од 4,8 отсто на 14 отсто.

Експертите истакнуваат дека дебелината може да го зголеми ризикот од развој на многу сериозни здравствени состојби, вклучувајќи срцеви заболувања, дијабетес тип 2 и некои видови на рак.

„Во некои случаи имаше агресивни маркетинг кампањи кои промовираат нездрава храна, додека цената и достапноста на поздрава храна може да биде проблем“, вели професорот Маџид Езати.

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус истакна дека новата студија ја нагласува важноста од спречување на дебелината од раниот живот до зрелоста, преку исхрана, физичка активност и соодветна грижа.

Тој додаде дека тоа ќе бара работа на владите и заедниците и дека „неопходна е соработка на приватниот сектор, кој мора да биде одговорен за влијанието на неговите производи врз здравјето“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author