12.03.2024 Скопје
Оценската мисија на ОДИХР ќе бара 24 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи за да ги следат изборите во земјава, со генерална оценка дека на изборните закони им треба суштинска реформа, а подготовките почнале предоцна.
ОДИХР притоа забележува дека последен пат Изборниот законик бил изменет непосредно пред изборите во 2021 година и, иако минатата година почна со работа експертски тим составен од Министерството за правда (во која не учествуваше ВМРО – ДПМНЕ), текстот за измените исчезна од јавната сцена.
Во извештајот на ОДИХР стои оценката дека некои од соговорниците во Македонија предупредувале дека медиумското покривање на изборната кампања е фрагментизирано и поларизирано, дека има забележителен пораст на националистичката реторика што може да резултира со засилени немири и тензии, дека била забележливо зголемувањето на нетолерантната и насилна реторика, што може да се толкува и како говор на омраза, вклучително и кон етничките малцинства.
Од ОДИХР забележуваат дека голем број од претходните препораки на ОДИХР не се имплементирани, вклучувајќи ја и таа за „систематско ревидирање на Изборниот законик за да се усвојат мерки за подобрување на транспарентноста околу финансирањето на политичките партии и кампањите, да се ревидираат прописите за распледелба на платените политички реклами, да се утврдат јасни процедури за мандатите и именувања на членови во државните изборни комисии и да се отстранат ограничувањата што го попречуваат ефективното решавање на изборните спорови“.
Специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар патува во Австрија, каде што ќе се сретне со канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за да разговара за изборите во Република Северна Македонија и Србија, соопшти Стејт департментот.
Подготвено од М.Д.