16.03.2024 Скопје
Потрошувачкото расположение во САД во март беше, според прелиминарните податоци, на најниско ниво за последните три месеци, покажаа резултатите од истражувањето на Универзитетот во Мичиген.
Вредноста на индексот што го мери расположението на потрошувачите во САД падна во март од 76,9 поени во февруари на 76,5 поени, објави гореспоменатиот американски универзитет на својата веб-страница.
И покрај малиот пад, расположението е стабилно и суштински непроменето од јануари 2024 година, посочува директорката за истражување на потрошувачите Џоан Хсу.
Показателот според кој потрошувачите ја оценуваат својата моментална состојба не е променет во однос на февруари и неговата вредност е 79,4 поени, додека подиндексот што ги мери очекувањата за иднината од 75,2 поени во февруари падна на 74,6 поени.
Потрошувачите очекуваат дека инфлацијата во САД во следните 12 месеци ќе биде три отсто, а просечната петгодишна инфлација ќе биде 2,9 отсто, што се исти вредности како и во февруари, заклучува Универзитетот во Мичиген.
Конечните резултати од истражувањето за расположението на американските потрошувачи во март ќе бидат објавени на 28 март.
Подготвено од А.Ѓ.