19.03.2024 Скопје
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов и Пабло Обрадор, раководител на Одделот за енергија на Западен Балкан и Турција од КФВ банка потпишаа нов грант договор во износ од 9,1 милиони евра за реализација на проект за втората фаза од Ветерниот парк Богданци што претставува уште една потврда за продолжување на патот кон одржлива и чиста енергетска иднина за Република Северна Македонија.
На настанот присуствуваа и Холгер Шредер, раководител на Одделението за добрососедство и проширување при Европската комисија и Петра Дрекслер, амбасадор на Сојузна Република Германија.
Ветерниот парк Богданци во своето десетгодишно работење покажа извонредни резултати. Преку производството на над 1.000 гигават часови електрична енергија, го надмина планот за производство предвиден во проектот и студиите за реализација на овој проект. Затоа, ова не е само вложување во енергетика, туку и во македонската економија, како и во иднината на граѓаните. Реализацијата на оваа втора фаза ќе придонесе кон отворање на нови работни места, развивање на локалната заедница и унапредување на енергетската инфраструктура.
Со ваквите енергетски процеси и политики, ЕСМ како компанија има историска шанса да биде предводник на изградбата на одржлив енергетски сектор, во кој фокусот ќе биде и на граѓаните и нивниот интерес. Присуството на институциите од Европската Унија, како и меѓународните финансиски институции се само доказ и потврда дека овој процес ќе биде успешен, и дека ова е патот на иднината во енергетскиот сектор, соопшти ЕСМ.
Подготвено од М.Д.