04.03.2024 Скопје
Според податоците на Центарот за јавно здравје само во Скопје од почетокот на годината се потврдени 120 случаи на голема кашлица, а тоа значи дека од 29 февруари до 1 март се регистрирани уште 11 нови потврдени случаи на оваа заразна болест во главниот град.
Лулзиме Бајрами, лекар во Центарот за јавно здравје на Скопје вели дека во Универзитетскаа клиника за детски болести моментално има само едно дете со голема кашлица. Станува збор за доенче од Куманово, примено на скопската Детска клиника во петокот, а неговата здравствена состојба е стабилна, потврди за МИА професор Светлана Кочева од Клиниката за детски болести.
Комисијата за заразни болести ќе има состанок утре од 12 часот, ќе се расправа за состојбите во државата, а меѓу темите се и големата кашлица и грипот.
Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје за големата кашлица, во неделата од 23 до 29 февруари, се регистрирани 56 нови случаи на голема кашлица, од кои во Скопје 54, и по еден во Дебар и Струмица. Во целата држава до 29 февруари биле регистрирани 123 случаи на болеста. Во Тетово се регистрирани 5 болни лица, 4 лица живеат во Куманово, во Гостивар два и по еден случај е регистриран во Струга, Струмица и Дебар.
Институтот за јавно здравје информира дека согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот, во периодот од 18 јануари досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензна проверка на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.
На 28 февруари, министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски изјави дека при контролите за вакцинација во градинките, поради епидемијата со голема кашлица, не се констатирани прекршоци.
Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири смета дека децата кои не се вакцинирани не треба да се вратат во градинка.
Подготвено од М.Д.