05.03.2024 Скопје
Пензиониран полковник на американската армија во Небраска е обвинет дека испраќал доверливи информации преку страница за запознавање, а денеска ќе се појави на суд.
Дејвид Френклин Слејтер (63), уапсен во саботата, бил вработен до 2022 година во Стратешката команда – Стратком, која го надгледува американскиот нуклеарен ракетен арсенал.
Тој беше обвинет дека незаконски испраќал документи кои „може да се искористат за да им нанесат штета на САД“.
Слејтер е обвинет за заговор и две точки за неовластено откривање информации за националната одбрана и се соочува со затворска казна до 10 години.
Во обвинението се вели дека Слејтер пренел информации што ги дознал од доверливите брифинзи на Стратком, кои се поврзани со руската специјална воена операција во Украина.
Тој ги испраќал информациите до лице за кое верувал дека е жена во Украина.
За време на преписката, тој често добивал прашања за тајните на американската национална одбрана, велат обвинителите.
На Слејтер на 23 март му беше поставено прашање за некоја земја, но тој дел од обвинението беше преработен, па не е јасно за која земја се однесуваше прашањето.
Во документите не пишува со кого контактирал Слејтер, ниту пак името на страницата за запознавање.
Случајот го истражуваа ФБИ и Канцеларијата за специјални истраги на воздухопловните сили на САД.
„Поединци со пристап до строго доверливи информации имаат одредени одговорности“, изјави во врска со овој случај државниот обвинител во Небраска, Сузан Лер.
Подготвено од А.Ѓ.