20.03.2024 Скопје
Лео Варадкар, премиерот на Ирска се повлекува од функцијата.
Претходно, ирските медиуми објавија дека се очекува „политички земјотрес“ неколку часа пред прес-конференцијата што претходеше на седницата на Владата. Општи избори се уште не се очекуваат.
Владејачката коалиција, која ја вклучува партијата на Варадкар, Фајн Гаел, се очекува да биде поразена од националистичката партија Шин Фејн кога ќе се одржат следните избори.
Оставката на Варадкар доаѓа помалку од две недели по шокантното гласање на референдумот што се очекуваше да ги укине застарените уставни одредби кои се однесуваат на дефиницијата на семејството и улогата на жената во општеството. Сепак, победи опцијата „не“.
За ваквиот исход од гласањето се обвинува „млаката“ владина кампања, која резултираше со слаба излезност.
Минатата недела во Ирска се одржаа два референдума истовремено за амандмани на Уставот, во делот што се однесува на семејството и улогата на жената во општеството.
Двата референдуми содржеа две прашања кои допираа до самата срж на општеството, со ревизија на членот 41 од Уставот, во кој се вели, во делот што се однесува на бракот како основа на семејството, „државата се обврзува со посебна грижа да ја зачува институцијата брак, на кој се заснова семејството и ќе ја заштити од напади“, додека вториот референдум се однесуваше на вториот став од истиот член, во кој пишува, „државата затоа ќе се залага мајките да не се обврзани од економските потреби да се вклучат во работата и да ги занемарат своите обврски дома“.
Имајќи предвид дека јазикот на кој е напишан Уставот е застарен, сите политички партии во Ирска, без разлика на политичкиот спектар од кој дошле, поддржаа промена на Уставот.
Варадкар по објавувањето на резултатите од референдумот истакна и дека „наша одговорност беше да го убедиме мнозинството да гласаат „за“, но очигледно не успеавме“, нагласувајќи дека неговата партија „Семејството на Ирците“, како и владејачката коалиција, беше силен поддржувач на прифаќањето на овие амандмани.
Првиот амандман, кој се однесуваше на семејството и бракот како институција, беше отфрлен со 67,7 отсто од гласовите, додека вториот амандман беше отфрлен со 73,9 отсто од гласовите. Многу аналитичари и познавачи на состојбите во ирското општество исто така забележаа дека ова се референдумите со најјасното „не“ во историјата.
Подготвено од А.Ѓ.