06.03.2024 Скопје
Над 74 илјади пасоши биле изработени во февруари. Бројот на фотографирани во Скопје за лични документи изнесува 86 илјади граѓани во претходниот месец.
За ова информираше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на социјалните мрежи.
Обрасци има доволно во моментов за да нема застој во процесот, но капацитетот за печатење на документите е лимитиран, информираа претходно од МВР.
Во меѓувреме, граѓаните покрај термини, очекуваат и информации – дали ќе може да гласаат на следните избори, со патна исправа со старото име.
Од Државната изборна комисија предложија измена на Изборниот законик, која ќе важи само за овие избори. Ова е со цел граѓаните кои не стигнале да сменат пасош, да можат да гласаат на претседателските и парламентарните избори.
Решението е прифатливо за владејачката СДСМ, потврди партискиот лидер Димитар Ковачевски. Потенцира дека идејата не е од сега.
Претходно, министерот за внатрешни, Тошковски посочи дека има повеќе од 100.000 граѓани кои имаат право на глас, поседуваат патна исправа со старото име, а притоа немаат важечка лична карта.
Подготвено од М.Д.