mirko popov

25.03.2024 Скопје

По кусо боледување почина еден од највлијателните и најуспешни скопски диџеи, музичари, композитори, текстописци, издавачи и продуценти Мирко Попов.

Мирко Попов е роден во 1972 година во Скопје. Израснат во Градски ѕид, како што и самиот велеше во неговото „кучкар маало“, почнува да купува плочи и ја засакува музиката уште од основното училиште, што логично резултираше со првите роденденски диџеј сетови во раните 80-ти години на 20тиот век. Неколкуте авангардни музички револуции во 80-тите, но и неверојатно високиот квалитет на поп музиката од тоа време помагаат да развие здрава љубопитност, разнолик музички вкус и ориентација кон постојан прогрес, што ќе се одрази пресудно во понатамошните одлуки.

Првиот професионален диџеј букинг го добива во 1992 година и оттогаш не престанува со настапи. Истата година добива простор во култното скопско музичко радио „Канал 103“, што е еден од клучните моменти во неговиот развој како личност и музичар. „Слободното изразување, кое е основна филозофија на оваа радио станица може да направи чуда со човек“, велеше Попов. Од 2008-ма до 2010-та е и главен и одговорен уредник на Канал 103.

Попов е еден од ретките, кој во континуитет се грижеше на површината да испливаат надоаѓачките генерации домашни млади музичари.

Подготвено од М.Д.

About Author