plenkovikj

19.03.2024 Скопје

Одлуката на хрватскиот Уставен суд дека претседателот Зоран Милановиќ не може да учествува во политичките активности на ниту една политичка партија додека ја извршува таа должност беше целосно очекувана, изјави премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ и оцени дека потегот на Милановиќ да се кандидира за премиер на листата на Социјалдемократската партија (СДП) „е обид за мини државен удар“.

Тој оцени дека е јасно оти е надмината уставната рамка на улогата на претседателот, а не е прекршена само добрата практика, туку и самиот Устав.

„Мислам дека сето она што се случува со СДП во последните денови и тоа што го направи Милановиќ мора да се нарече со вистинските зборови. Значи, ова е некаков обид за мини пуч, злоупотреба на институциите, целосно дезавуирање на г. Грбин, за кого повеќе не гледам дека е претседател на СДП“, изјави Пленковиќ на новинарите во Сисак.

Според него, целиот овој наратив е празна приказна и сиот тој „примитивизам и прекршување на уставот, дезавуирање на целата партија и тој лев спектар на краток рок, ако сонувавме за такво сценарио, не можевме да го направиме подобро“.

„Единствено што добиваме од оваа нивна изведба е бизарна слика за Хрватска. Тие што ја гледаат прашуваат што се случува кај нас. Имаме напор што во политичка смисла сака да направи политички циркус од Хрватска“, изјави хрватскиот премиер.

Хрватскиот претседател во текот на вчерашниот ден го коментираше предупредувањето на Уставниот суд дека не смее да биде кандидат на парламентарните избори и кандидат за премиер, ниту на кој било начин да учествува во изборната кампања, со порака дека тоа е еден вид „пуч “ и најави дека следи „еден вид света војна за опстанок“.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author