25.03.2024 Скопје
Хрватскиот премиер и претседател на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ) Андреј Пленковиќ го повика претседателот на Републиката Зоран Милановиќ да поднесе оставка и да се кандидира на парламентарните избори, наведувајќи дека е веднаш подготвен за конфронтација.
Пленковиќ на новинарите по присуството на мисата на Цвета во црквата Свети Блаж изјави дека сите пет протестни собири на опозицијата во саботата биле со многу мал број учесници.
„Не се знае кој беше послаб, затоа се е залеано бидејќи во основа нема ништо. Овие обиди да се фабрикуваат кризи кои реално во Хрватска ги нема. Хрватска денес живее многу подобро отколку порано“, рече Пленковиќ.
Пленковиќ оцени дека Милановиќ ги „избркал гласачите од опозицијата“ и уште еднаш го обвини дека го прекршил Уставот.
Милановиќ денеска му порача дека нема да поднесе оставка од таа функција бидејќи, како што изјави, нема да ја препушти Хрватска на премиерот Андреј Пленковиќ и на „неговата криминална организација“.
„Моја одговорност и должност е кон граѓаните кои ме избраа, како и кон сите оние кои не сакаат да ја трпат диктатурата на Пленковиќ, да ја спречам ХДЗ целосно да ја преземе контролата врз Хрватска“, напиша Милановиќ на Фејсбук.
Милановиќ изјави дека во изминатите четири години како претседател на Хрватска успеал да спаси барем некои институции „од Пленковиќ и неговите колеги“.
„Досега ги браневме институциите, а сега е време да ги ослободиме“, рече Милановиќ.
Милановиќ го одреди 17 април како датум за парламентарни избори во Хрватска, по распуштањето на хрватскиот парламент на 14 март.
Парламентарните избори првично беа планирани за есен, но владата одлучи да ги одржи пред изборите за Европскиот парламент во јуни.
Милановиќ рече дека ќе се кандидира како независен кандидат на листата на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП) и дека нема прво да поднесе оставка од функцијата претседател.
Уставниот суд на Хрватска одлучи дека Милановиќ како непартиска личност не смее да биде кандидат за пратеник, ниту кандидат за премиер на која било политичка опција, ниту на кој било начин да учествува во изборна кампања доколку не поднесе оставка од функцијата претседател на државата.
Подготвено од А.Ѓ.