15.03.2024 Скопје
Децата кои ја завршиле примовакциналната серија во последните шест месеци, треба да им биде дозволено да влезат во градинка, со напомена дека ревакцината треба редовно да ја примат во наредниот период, односно најрано шест месеци од примањето на третата доза, изјави доктор Александар Петличковски по вчерашната вонредна седница на Комисијата за заразни болести. Притоа тој ги објасни и препораките кои беа дадени во изминатиот период.
„Дообјаснувањето се однесува на деца кои примиле вакцинална серија од три дози. Ја завршиле примоимунизацијата во последните шест месеци и сега им следува ревакцина која во стандардниот календар беше препорачано да се прима на една година, сега го кратиме тој период на шест месеци“, истакна доктор Петличковски.
Тој потенцира дека состојбата не е добра, не е стабилна.
„Во оваа состојба сме се довеле поради долги години неодговорно однесување на многу граѓани. Оној податок од 50 проценти вакцинирани деца во градинките е поразителен за државата. И тука мора многу да работиме“, порача првиот човек на Комисијата за заразни болести.
Доктор Петличковски не исклучи можност да се излезе со построги епидемиолошки мерки во наредниот период, во зависност од развојот на ситуацијата со пертусис (Голема кашлица), состојба која е регистрирана кај 170 случаи во Скопје и 200 во цела држава.
Подготвено од М.Д.