politichki izbori

05.03.2024 Скопје

Партиите сè уште не ги скроиле кандидатските листи за пратеници, но уверени се во нивната победа. Најмногу информации има за носителите во Изборната единица 1. Таму гласовите за своите партии најверојатно ќе ги бараат Димитар Ковачевски, Христијан Мицкоски, Талат Џафери, Изет Меџити, Данела Арсовска, Димитар Апасиев и други.

Владеачката СДСМ и на овие избори размислува да оди со носител и коносител. Очекувањата се веднаш по експремиерот, во „Единица“ да се најде името на претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

Во втората, Сања Лукаревска и Фатмир Битиќи. Во третата, листата ќе ја предводи Љупчо Николовски или Оливер Спасовски, во четвртата ексминистрите Венко Филипче и Јованка Тренчевска, во „петката“ генералниот секретар Миле Зечевиќ, Јован Митрески или Бисера Костадинова-Стојчевска, додека за „шестката“ сигурна е само министерката Славјанка Петровска.

ВМРО-ДПМНЕ ја напушта идејата од минатите избори за шпицен кандидат за премиер. Лидерот Мицкоски за првпат ќе биде кандидат за пратеник. Уште во ноември минатата година самиот најави дека ќе биде носител на листа во Изборната единица 1. За другите носители и кандидати – нема ниту информации ниту шпекулации, но партијата е уверена во победа.

Одлуката на ДУИ ја отежнува тоа што не знаат дали ќе одат самостојно или во коалиција со Алијансата на Села и со партиите на Аријанид Хоџа и Скендер Реџепи-Зејд. За носители претендираат техничкиот премиер Талат Џафери,  Блерим Беџети, Арбр Адеми и други високи функционери.

Во опозициската коалиција „Вреди“ се договорени лидерите да се кандидираат во различни изборни единици. Ако „Единицата“ е за Меџити, „Двојката“ ќе биде за Африм Гаши, „Шестката“ за Биљал Касами, „Петката“ за Беким Ќоку или за Алијанса на Таравари, или обратно во Изборната единица 4.

Партиите ќе може да се договараат, речиси, уште еден месец и подготвените листи да ги достават до ДИК до 2 април. Сите ќе бидат поднесени од партии. Единствената независна листа поднесена за изборна единица 1 има собрано само 78 од потребните 1.000 потписи.

Подготвено од М.Д.

About Author