06.03.2024 Скопје
Добро познатата дестинација на нискобуџетни авиокомпании, аеродромот Шарлроа во близина на Брисел, е прогласен за најлош аеродром на светот од деловните патници.
Аеродромот чие полно име е „Brussels South Charleroi“ е на околу 50 километри или 45 минути со автобус од главниот град на Белгија.
Се вели дека има лоша репутација меѓу деловните патници поради неорганизираност и хронична пренатрупаност, особено на терминалот 1 (Т1).
Патниците на тој аеродром му дадоа катастрофална просечна оценка од 1,2 од вкупно 10. Само малку подобро се оценети германскиот аеродром Берлин-Бранденбург и британскиот аеродром Лидс-Брадфорд, кои исто така се сметаат за исклучително лоши.
Лондон Лутон и Лондон Станстед – двата аеродрома познати по тоа што бараат долго патување до центарот на главниот град на Англија – исто така поминаа лошо во истражувањето.
Од друга страна, Нои Баи во Ханој, Виетнам доби најдобри оценки.
„Терминалите се исклучително чисти, а вработените на аеродромот се многу пријателски расположени. Има одличен избор на храна“, напишал еден рецензент на аеродромот во виетнамската престолнина, кој добил просечна оценка од 6,8.
Сингапурскиот аеродром Чанги е на второ место меѓу најдобрите аеродроми меѓу деловните патници, а Хонг Конг Меѓународниот е на третото место.
Подготвено од А.Ѓ.