08.03.2024 Скопје
Само 6.25 отсто од општините во Македонија ја исполнуваат целосно обврската за изработени и во фаза на имплементација Локални еколошки акциски планови, а само 21,88 отсто делумно ја исполнуваат таа обврска. Тоа беше и главниот поттик да се работи на територијата на општините Кичево, Пласница и Македонски Брод токму во насока на развој на Локални еколошки акциски планови кои што денес беа презентирани пред претставници на сите три општини кои што воедно и ја сочинуваат територијата на Локалната акциска група Треска која што денеска меѓу другото ги утврди и приотитетите за работа за 2024 година, информираа од Рурална коалиција.
Локалните еколошки акциски планови се работеле со експертска поддршка, а истите ги содржат мерките за заштита на животната средина на чија што имплементација општините треба да работат до 2027 година.
Како главни предизвици за сите три општини во делот на заштитата на животната средина се идентификувани, нарушен квалитет на воздухот од индустриски активности и интензивен сообраќај, отсуство на селекција на цврст отпад, диви депонии, користење на огревно дрво за загревање, нарушен калитет на почва од индустриски активности, прекумерна употреба на агрохемиски средства на земјоделските посеви…
„Во следниот тригодишен период општините ќе работат на едукација на населението, јакнење на капацитетите на институциите, отстранување на дивите депонии, јакнење на меѓуопштинската соработка, вклучување во процесот на праведна транзиција, како и јакнење на капацитетите на ЛАГ-от во насока на имплементација на изготвените еколошки планови. Со изготвувањето на ваквите планови се јакне стратешкиот развој на општините опфатени со плановите, а во наредниот период пак ќе се работи на мобилизација на локалното население и реализација на активности кои што ќе придонесат кон директна имплементација на мерките предвидени во ЛЕАП-ите“, информираа од Рурална коалиција.
Подготвено од М.Д.