ZNM SOSTANOK

27.03.2024 Скопје

Новинарите често се соочуваат со значителни ризици, особено за време на чувствителни периоди како што се изборите, а оваа година имаме два изборни циклуса – претседателски и парламентарни. Според локални истражувања, базирани на статистика од последните 10 години, медиумските работници се четирипати поизложени на физички напади и закани по својот живот, во услови кога има изборна година, споредбено со оние години кога нема, рече извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски, на настанот „За поголема безбедност и заштита на новинарите и медиумските работници и спротивставување на заканите за слобода на медиумите“, што се одржа во Клубот на новинари.

Соработката и со Министерството за внатрешни работи и со Основното јавно обвинителство,  според Секуловски, во изминатата година била на професионално ниво во контекст на брзата комуникација и ефикасноста во насока на навремената реакција од нив како надлежни институции кои постапуваат при закани и напади кон новинари или медиумски работници со исклучок на он лајн заканите.

Од вкупно пет регистрирани закани и напади кон новинари и медиумски работници во 2023 година, има два случаја на физички напади со судска осудителна пресуда. Останатите три случаи, посочи Секуловски, се уште се во постапка.

Секуловски оцени дека органите на прогонот се уште покажуваат недостатоци во поглед на капацитетите за постапување во контекст на онлајн нападите и заканите, иако во текот на изминатата и оваа година имале поднесено над пет претставки до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР.

Подготвено од М.Д.

About Author