23.03.2024 Скопје
По неколку децении јавна дебата и долго размислување во парламентот, полнолетните граѓани во Германија од 1 април ќе можат легално да пушат марихуана на улица.
Ова беше овозможено откако Горниот дом на парламентот, Бундесратот, даде зелено светло за предлог-законот за делумно легализирање на канабисот и одлучи да не го испраќа предлог-законот до комисија за посредување. Долниот дом го усвои минатиот месец.
„По години на политики за канабис кои доведоа до непотребни смртни случаи и раст на црниот пазар, новиот закон е дизајниран да ја затвори Пандорината кутија“, рече министерот за здравство Карл Лаутербах.
Овој закон им дозволува на возрасните да поседуваат до 25 грама канабис за лична употреба во јавност. Три живи растенија канабис и до 50 грама марихуана за лична употреба ќе биде легално да се чуваат во вашиот дом.
Забрането е пушење марихуана на јавни места како што се училишта, спортски објекти и на 100 метри од овие локации.
Дополнително, дозволено е формирање на некомерцијални „култивирачки здруженија“ во кои до 500 возрасни членови кои живеат во Германија можат заедно да одгледуваат канабис и да си го снабдуваат меѓусебно за лична потрошувачка, со максимална граница од 50 грама по член по месец.
Германскиот полициски синдикат очекува новиот закон да донесе тешкотии, судири со граѓаните и повеќе работа за полицијата.
Заменик-претседателот на полицискиот синдикат, Александар Појц, рече дека полицијата, царината, правосудните органи и центрите за грижа за млади сега се соочуваат со непотребни предизвици и предвиде „многубројни конфликтни ситуации со граѓаните“.
Подготвено од А.Ѓ.