
06.03.2024 Скопје
Борбата за независност и интегритет е една од најтешките борби кои ги води обвинителството, но таа е неопходен и клучен предуслов за успешна борба против корупцијата, кажа државниот јавен обвинител Коцевски во Тирана во обраќањето на меѓународната конференција „Јакнење на отчетноста – Зајакнување на напорите во борбата против корупцијата“, во организација на Глобалната иницијатива против транснационален организиран криминал.
Коцевски истакнал дека е од огромна важност финансиската независност на обвинителството, но и индивидуалната независност на јавните обвинители во постапувањето.
„Промовирањето на култура на интегритет во обвинителството е уште една од моите заложби како нов државен обвинител. Во оваа насока не само што сметам дека неопходно е доследно почитување на етичките правила и принципи од секој обвинител поединечно, туку неопходно е и санкционирање на прекршителите со цел да се зачува интегритетот на институцијата како целина“, рече Коцевски.
Тој ја потенцира важноста на истражните центри и на процесот на дигитализација во зголемување на независноста.
Подготвено од М.Д.