25.03.2024 Скопје
Таџикистанецот Далерјон Мирзоев, обвинет за терористичкиот напад на „Крокус Сити“ во Москва, целосно ја призна вината, соопшти судот во Москва.
На Мирзоев му е одреден притвор до 22 мај. Има 32 години, оженет и четири деца.
Второобвинетиот Саидакрами Муродали Рачабализода е роден 1994 година, оженет е и има дете.
Тој е невработен и изјави дека не се сеќава каде е регистриран во Русија. Тој комуницира во судницата преку преведувач.
Бројот на жртвите во терористичкиот напад на трговскиот центар „Крокус сити“ во Москва се искачи на 137, соопшти претходно денеска Рускиот истражен комитет.
Се додава дека меѓу загинатите има и три деца.
Дополнително, бројот на повредени се зголеми на 180, од кои 142 лица се хоспитализирани.
„Истрагата продолжува. До денес се идентификувани 62 тела“, се наведува во соопштението.
Терористичкиот напад се случи во петокот во трговскиот центар „Крокус Сити“ во Москва, а одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава.
Подготвено од А.Ѓ.