donacija-norveshka

27.03.2024 Скопје

Норвешка испрати 76 воени возила за Република Северна Македонија. Вкупно 40 камиони и 36 лесни пешадиски возила се натоварени вчера од пристаништето Оркангер и со брод ќе бидат транспортирани до Солун, информираат од Норвешката амбасада.

Со донацијата, најавен во септември 2023 година, како што информираат од амбасадата на Норвешка, ќе биде опремен лесен пешадиски баталјон.

„Донацијата ја симболизира важноста на НАТО солидарноста и соработката меѓу земјите членки. Способноста на алијансата да одговори на криза или конфликт зависи од силата и солидарноста на сите земји членки, а не само на една нација. На 4 април оваа година НАТО алијансата полни 75 години. Република Северна Македонија стана членка на НАТО во 2020 година, а Норвешка е членка на НАТО од формирањето на алијансата во 1949 година. Двете земји имаат долга историја на билатерална соработка, а со влезот на Република Северна Македонија во Алијансата во 2020 година соработката стана уште посилна“, се вели во соопштението од Норвешката амбасада.

Донацијата, стои во соопштението, е и индиректна донација за Украина, бидејќи Република Северна Македонија претходно донираше значителна количина опрема за Украина.

Со норвешката донација Република Северна Македонија ќе може повторно да надополни дел од опремата што ја подариле, посочуваат од амбасадата на Норвешка.

Подготвено од М.Д.

About Author