07.03.2024 Скопје
Амбасадорката на Република Северна Македонија, Агнеса Руси-Поповска, повикана во Бугарското Министерство за надворешни работи, поради обидите за инволвирање на билатералните односи во внатрешно политичките дебати во Република Северна Македонија.
МНР на Бугарија соопшти дека амбасадорот на Македонија е повикан поради неодамнешните јавни коментари и невистинити тврдења во врска со Бугарија, дадени од македонски политичари.
Министерството за надворешни работи цврсто се противи на обидот повторно да се вклучат Бугарија и билатералните врски во внатрешната политичка дебата во Република Северна Македонија, вклучително и во контекст на актуелната изборна кампања, соопшти МНР.
„Бугарија постојано одржува конструктивен дијалог и се воздржува од коментари за постојаните провокации во јавниот простор на Република Северна Македонија. Бугарија го прави ова со разбирање дека треба да се обезбеди конструктивна средина за нормално одвивање на изборниот процес, како и мирна јавна средина за потребните реформи да се спроведат.
Ја повикуваме политичката елита во Република Северна Македонија да ја покаже потребната зрелост, да даде конструктивен придонес во спроведувањето на политичките обврски преземени во рамките на компромисот постигнат во 2022 година и строго да го почитува Договорот за пријателство од 2017 година.
Добрососедство и соработка. Тоа е единствената опција за постигнување вистински напредок во процесот на евроинтеграциите на земјата во корист на нејзините граѓани“, се вели во соопштението на бугарското МНР.
Подготвено од М.Д.