Sobiraci-na-smet-tetovo

22.03.2024 Скопје

Тетовскиот огранок на ДУИ обвини дека Општина Тетово значително ја зголемила сметката за вода и комуналии, откако започна да функционира јавното-приватно партнерство со фирмата „Заубермахер“. Од таму велат дека тоа се одразува на семејниот буџет, особено во селата каде им се наплаќале услуги што не ги добиваат. Порачаа раководството да не ги уценува граѓаните и да се занимава со обврските, меѓу кои и чистење на градот од ѓубрето.

„Отсега натаму, благодарение на раководството на Општина Тетово, граѓаните ќе плаќаат четири пати повеќе од она што досега плаќале за отпадот. Тоа најдобро го докажуваат фактурите што стигнале до граѓаните од компанијата „Заубермахер“. Граѓаните кои досега плаќале 300 денари за сметка, сега ќе плаќаат до 1300 денари месечно, а за една година едно семејство ќе троши 200 евра повеќе“, вели Рина Ајдари од ДУИ.

Од Општина Тетово, пак, негираат дека има зголемување на цените, туку дека е променет начинот на пресметка. Информираа дека семејствата кои добиле повисоки сметки можат да пријават.

„И покрај тоа што е изменета методологијата за пресметка на отпадот, нема зголемување на цената по единица. Сите граѓани кои добиле повисоки фактури од досегашните, треба да се обратат во канцелариите лоцирани на Зелениот пазар, како и на влезот во селото Палчиште, за да ги усогласат своите податоци за компанијата да може да врши реална наплата. Доколку не сте задоволни од одговорот на претпријатието, ќе можете да се обратите до канцелариите на општина Тетово“, велат од Општина Тетово.

По реструктуирањето на комуналното претпријатие жителите на општина Тетово од овој месец започнаа да добиваат нови сметки, кои ќе ги опфаќаат сите општински услуги. Обврската за собирање отпад ја презеде фирмата Заубермахер, за вода и канализација, пак, е задолжено ново општинско претпријатие, а одржување на јавна чистота и паркови и зеленило остана на постоечкото ЈКП Тетово.

Подготвено од М.Д.

About Author