15.03.2024 Скопје
Јужнокорејските истражувачи успеаја да одгледуваат говедски клетки во зрна ориз, што според нив е голем чекор кон постигнување одржлив, достапен и еколошки извор на протеини што би можел да го замени одгледувањето говеда за месо.
Професорот Џинке Хонг од Универзитетот Јонсеи во Сеул, кој го предводеше истражувањето, изјави дека „говедскиот ориз“ е првиот производ од ваков вид.
Зрната од ориз се користат како основа за одгледување на животински мускули и масни клетки.
Во истражувањето, зрната од ориз беа третирани со ензими за да се создаде оптимална средина за раст на клетките, а потоа беа внесени говедски клетки кои беа култивирани за да се постигне финалниот хибриден производ, кој наликува на розово зрно ориз.
Тимот од Јонсеи не е првиот што работи на лабораториски месни производи. Компаниите ширум светот лансираа култивирано месо, а некои од најновите производи се пилешко од растително потекло и јагула од соја што се продаваат во Сингапур.
Тимот на Хонг рече дека оризот има безбедносна предност во однос на сојата или јаткастите плодови бидејќи помалку луѓе се алергични на него.
Говедскиот ориз содржи околу осум проценти повеќе протеини и седум проценти повеќе масти од обичниот ориз. Хонг истакна дека протеинот е 18 отсто од животинско потекло, што го прави богат извор на есенцијални амино киселини.
Хонг додаде дека култивираниот говедски ориз, по цена од околу 2 долари за килограм и со далеку помал јаглероден отпечаток од традиционалните говедски производи, може да биде конкурентен на полиците за намирници.
Подготвено од А.Ѓ.