18.03.2024 Скопје
Според податоците на Народната банка на Србија, во текот на минатата година во Србија пристигнале 4,99 милијарди евра по основ на дознаки од странство.
Ова е приближно сума од претходната година кога приливот од дознаки изнесуваше 5,02 милијарди евра.
Од Народната банка на Србија, НБС, изјавија дека врз основа на податоците за географската структура, може да се заклучи дека структурата останала стабилна, бидејќи најмногу пари имало од Германија, 27 отсто, Швајцарија 13 отсто, Австрија 10 отсто, па Франција 6,0 отсто и Хрватска 5,0 отсто.
Кога станува збор за валутната структура, минатата година најголем дел од парите, односно 83,1 отсто од приливот од дознаки биле во евра, 7,7 отсто во американски долари, 3,9 отсто во швајцарски франци и 5,3 отсто во други валути.
Народната банка соопшти дека централната банка ја користи методологијата на билансот на плаќања на Меѓународниот монетарен фонд (БПМ6), според која дознаките се вклучуваат преку ставка наречена лични трансфери, во која се вклучени дознаките на работниците, пензии и други социјални бенефиции, како и помош и подароци од странство, адресирани на физички лица со престој во Србија.
Подготвено од А.Ѓ.