11.03.2024 Скопје
Американскиот национален центар за податоци за снег и мраз (NSIDC) објави дека минималната површина на морскиот мраз на Антарктикот е под два милиони квадратни километри (772.000 квадратни милји), веќе трет последователен февруари – што е висината на јужната летна сезона на топење.
Регистрирани историски најниски нивоа на нивото на мразот во морето на Антарктикот во последниве три години, а тоа навестува сериозни последици врз животот на Земјата.
Шпанскиот планетарен геолог Мигел Анхел де Пабло изјави дека научниците се многу загрижени, затоа што не гледаат како сами да го решат проблемот, потенцирајќи дека жали што човештвото заборава на предупредувањата.
„Иако испраќаме предупредувања за да го направиме општеството свесно за она што се случува, се чини дека не сме сослушани, дека нашите предупредувања не се сфатени како алармантни и покрај доказите“, истакна тој.
Минималната покривка од мраз во морето е најниска од почетокот на евиденцијата пред 46 години. Топењето на морскиот мраз нема моментално влијание врз нивото на океаните бидејќи се формира со замрзнување на солената вода која е веќе во океанот.
Де Пабло истакна дека иако сме далеку од кој било населен дел на планетата, она што се случува на Антарктикот влијае врз сè во светот.
Студија од минатата година покажала дека речиси половина од ледените плочи на Антарктикот се намалиле во обем во изминатите 25 години, ослободувајќи трилиони тони стопена вода во океаните.
Некои научници велат дека доказите за влијанието на климатските промени врз топењето на морскиот мраз на Антарктикот, познат по значителните годишни варијации во неговото летно одмрзнување и зимските замрзнувања, се помалку јасни отколку во северниот пол на Арктикот. Она што не е сомнеж е дека континуираното глобално затоплување предизвикано од човечките емисии на стакленички гасови ќе влијае врз овие модели во иднина.
„Можеби е веќе доцна да се запре овој тренд. Проблемот е што овие деградации не се поништуваат лесно. Дури и денес да го промениме ритамот на живот во западните општества, утре глечерите нема да престанат да се двојат и да се топат, ниту замрзнатите почви да се губат“, истакна Де Пабло, кој посветил 16 години од својот живот на проучување на мразот на Антарктикот.
Научниците проценуваат дека глобалните температури се веќе 1,2 Целзиусови степени повисоки од прединдустриските нивоа. Парискиот договор од 2015 година требаше да го ограничи затоплувањето на 1,5 Целзиусов степен со ограничување на емисиите кои ја затоплуваат планетата.
Подготвено од А.Ѓ.