21.03.2024 Скопје
Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соза му го довери мандатот за формирање нова влада на Луис Монтенегро, лидерот на Демократската алијанса (АД), по пребројувањето на гласовите од странство и тесната победа на неговата централнодесничарска партија на одржаните избори на 10 март беше потврдено.
Монтенегро денеска, нешто по полноќ, беше поканет во претседателската палата во Лисабон, каде претседателот Де Соза, кој повеќе од една недела во консултации со лидерите на парламентарните партии, официјално го предложи за премиер.
„АД победи на изборите, па претседателот одлучи да го предложи Луис Монтенегро за премиер“, соопштија од кабинетот на претседателот.
Монтенегро, по првата средба со Де Соза во средата попладне, соопшти дека во име на неговата партија „ја изразил подготвеноста да го преземе раководството на владата и да биде именуван за премиер“.
АД има вкупно 80 пратеници во 230-члениот парламент, потоа социјалистите со 78 места и крајнодесничарската партија Чега, основана пред само пет години, со 50 места.
Предвремените избори во Португалија беа распишани по оставката на социјалистичкиот премиер Антонио Кошта поради обвинувања за корупција во неговото опкружување.
Подготвено од А.Ѓ.