mmf

22.03.2024 Скопје 

Меѓународниот монетарен фонд одобри трет преглед на програмата за заем за Украина од 15,6 милијарди долари и одобри исплата на 880 милиони долари буџетска поддршка.

Со овие средства вкупните исплати достигнаа 5,4 милијарди долари, пренесува БТА. Глобалниот заемодавател рече дека ризиците со кои се соочува Украина остануваат исклучително високи, особено неизвесноста околу војната со Русија и изгледите за странско финансирање.

Шефот на мисијата во Украина, Гевин Греј, изјави дека ММФ се уште очекува војната во Украина да заврши до крајот на 2024 година. Тој, воедно, додаде дека вкупните перформанси на Украина во рамките на програмата на ММФ останаа силни во првата година и ги исполни сите освен еден од квантитативните критериуми за успешност.

Греј истакна дека Украина треба да ги добие средствата во наредните денови и ова треба да биде добредојдена вест бидејќи американскиот Конгрес продолжува да расправа за одобрување на дополнителен пакет помош од 61 милијарда долари за Украина.

„ММФ ќе мора да го истражи влијанието врз нивото на долгот на Украина, ако американските законодавци решат да претворат дел од тоа финансирање на заем наместо да остане грант“, додаде Греј.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author