12.03.2024 Скопје
Министерството за правда во вчерашното соопштение нагласува дека нема законски надлежности да дава автентично толкување на законските норми што, како што наведуваат, е во исклучива надлежност на Собранието.
„Министерството за правда информира дека исклучива надлежност за постапување по основа на застареност на предмет кај извршител има судот во соодветна постапка. Правниот институт -застарување, роковите, прекинот и начинот на утврдување, се регулирани со бројни одредби од Законот за облигациони односи и истиот не се применува автоматски, туку се утврдува во судска постапка на предлог на должникот“, пишува во соопштението од Министерството за правда.
Оттаму посочуваат дека извршителот е должен да постапува по барањето на доверителот и притоа не е овластен да носи никакви процедурални одлуки во однос на текот на извршувањето, што е во исклучива надлежност на судот.
Повеќе граѓани поднесоа писмени барања до министерот за правда, Кренар Лога, за примена на измените од Законот за облигациони односи кои се однесуваат на застарувањето на долгови.
Според нив, не се применуваат измените во Законот за облигациони односи од страната на извршителите, кои се однесуваат на застарувањето на долгови и покрај тоа што беа изгласани од Собранието и објавени во Службен весник пред повеќе од седум месеци, како и покрај потврдата за уставноста на законот од Уставниот суд во јануари 2024 и одлуката на Законодавно правната комисија во Собранието дека не е потребно автентично толкување на законот.
„Стоп за извршителите“, „Зошто го донесовте законот, зошто го лажете народот“, „Не играјте пинг-понг со народот“, „Нема да гласаме ако не се спроведува законот“ беа дел од паролите со кои граѓаните поддржани од здруженијата „Човекот над профитот”, „Но Пасаран“, КСОМ и ПЦЕР вчера пред Министерството за правда одржаа мирен протест за Законот за облигациони односи пред да отпочнат со поднесувањето на барањата.
Подготвено од М.Д.