13.03.2024 Скопје
„Испраќањето на припадници на војската на Црна Гора во Украина во моментов не е опција, ниту е предмет на какви било разговори“, изјави претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, при посетата на Букурешт.
Милатовиќ, кој се сретна со романскиот претседател Клаус Јоханис, рече дека процесот на европска интеграција е приоритет на црногорската надворешна политика и изрази очекување дека Црна Гора ќе стане полноправна членка на ЕУ до 2028 година.
На средбата беше истакната важноста на сојузот меѓу двете земји во рамките на НАТО и беше изразена целосната посветеност на двете земји за заедничка проценка на регионалните безбедносни предизвици, соопшти кабинетот на претседателот на Црна Гора.
Претседателот на Романија истакна дека официјален Букурешт силно го поддржува европскиот пат на Црна Гора, додавајќи дека земјата е важен партнер кој значително придонесува за стабилноста на Западен Балкан.
Подготвено од А.Ѓ.