04.03.2024 Скопје
Министерот за финансии Синиша Мали изјави дека Србија ќе ги постигне целите поврзани со висината на просечната плата и пензијата бидејќи постигнала стабилност, раст и сигурност преку тешки реформи и консолидација на финансиите.
Мали, во објава на Фејсбук, одговарајќи на критиките за економската политика искажани од потпретседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Душан Никезиќ, потсети дека бил државен секретар на Министерството за финансии и имал можност „да ја искористи својата економска експертиза за да го направи она што мисли дека е добро за граѓаните“.
Мали изјави дека тврдењето на Никезиќ дека „луѓето во Србија живеат полошо од пред десет години“ станало шега, но дека пред 10 години „не им било смешно“ на граѓаните на Србија.
„Ниту просечната плата од 330 евра, ниту просечната пензија од едвај над 200 евра, ниту минималната плата од 15.000 динари, ниту половина милион луѓе кои останале без работа, ниту невработеноста која се искачи на 25,9 отсто, ниту мизерното ниво на странски директни инвестиции кои не можеа да поттикнат економски раст во земја на работ на банкрот каде во 2012 година немаше пари на сметката ниту за исплата на пензии“, напиша Мали.
Тој изјави дека денес, една деценија подоцна, Србија ја надминува платата од над 810 евра во декември, минималната плата од 400 евра, просечната пензија од 390 евра, а целта е граѓаните во 2027 година да заработат просечно 1.400 евра, пензионерите да достигнат пензии до 650 евра, а минималната плата да е 650 евра.
„Тоа ќе го постигнеме, затоа што преку тешки реформи и консолидација на финансиите постигнавме стабилност, раст и сигурност. Тоа ја спушти невработеноста на 9 проценти, ни донесе 4,5 милијарди евра странски директни инвестиции, раст на БДП од 2,5 проценти лани. а планот годинава растот да биде уште поголем, 3,5 отсто. Сето тоа во време на криза која со години трае во светот“, потенцира Мали.
Претходно Никезиќ изјави дека „луѓето во Србија живеат полошо од пред две или десет години“ и изјави дека „никакви пораки и цртежи на таблата не можат да го променат тоа“.
Подготвено од А.Ѓ.