15.03.2024 Скопје
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Европа треба да се подготви за војна ако сака мир, посочувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин е противник кој нема да застане во Украина ако ги победи силите на земјата.
„Ако Русија победи во оваа војна, кредибилитетот на Европа ќе се намали на нула“, рече Макрон во телевизиско интервју.
Тој посочи дека е важно Европа да не повлекува црвени линии, што би сигнализирало слабост на Кремљ и би го охрабрило да продолжи со операцијата во Украина.
Маркон одби да даде детали за тоа како би можело да изгледа распоредувањето на силите во Украина.
„Имам причини да не бидам прецизен. Не сакам да му дадам предност на Путин со тоа“, рече Макрон.
Според него, Франција никогаш нема да започне офанзива против Русија.
Тој изјави дека Париз не е во војна со Москва и покрај тоа што Русија започна агресивни напади врз француските интереси во Франција и во странство.
„Русија е противник“, рече Маркон, одбивајќи да ја нарече непријател.
Одговарајќи на прашањето под кои услови Франција би распоредила сили во Украина, Макрон рече дека Париз никогаш нема да преземе таква иницијатива.
Според него, конфликтот во Украина е „егзистенцијално прашање“ за Франција и Европа.
Макрон рече дека Украина е во „тешка“ ситуација на теренот и дека е неопходна посилна поддршка од сојузниците, но се надева дека еден ден ќе дојде време да се преговара за мир со рускиот претседател „кој и да е тоа“.
Францускиот претседател предизвика контроверзии минатиот месец, откако рече дека не може да ја исклучи можноста за распоредување на копнени трупи во Украина во иднина.
Подготвено од А.Ѓ.