https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Emmanuel_Macron_%282019-10-09%29_03.jpg

05.03.2024 Скопје

Францускиот претседател Емануел Макрон пред денешната посета на Прага апелираше дека на Европа и треба стратешко будење бидејќи Русија игра на време.

Тој рече дека ништо не е исклучено во дебатата за тоа што може да се направи за да и се помогне на Украина.

„Како одговор на прашањето што ме прашаа за испраќање единици во Украина, реков дека ништо не е исклучено. Секој збор е важен“, повтори Макрон.

Францускиот лидер исто така додаде: „Во моментов, Европејците треба да се запрашаат дали нивната сегашна стратегија одговара на декларираните цели. На нашите демократии им треба поттик, им треба стратешко будење“, рече Макрон.

Во интервјуто што беше објавено денеска, а и во вчерашното соопштение, нема изјава што вчера ја цитираа руските медиуми дека Франција не планира да испрати свои војници во Украина во блиска иднина.

„Отвораме дебата и размислуваме за сè што може да се направи за да и помогнеме на Украина. Секогаш сум кажувал каква е нашата рамка: ние не војуваме против рускиот народ и одбиваме да влеземе во логиката на ескалација. Но, Украинците се борбата за нашите вредности, нашата безбедност и слобода и нашиот пристап мора да биде адекватен на тој предизвик“, рече францускиот претседател.

Макрон предупреди дека режимот на рускиот претседател не победи во таа војна како што се обидува да ја прикаже.

„Напротив, Русија претрпе низа стратешки неуспеси, НАТО се зајакна и донесовме одлука Украина да започне преговори за влез во Европската унија. Русија сега се обидува да не натера да веруваме дека времето е на нејзина страна и ќе продолжиме да правиме се што е потребно и онолку долго колку што е потребно за да пропадне, и таа пресметка и нејзината агресија“, рече Макрон.

Францускиот претседател потсети дека на крајот на февруари, членките на ЕУ на конференцијата во Париз се согласија да направат повеќе за Украина во пет области – сајбер одбрана, заедничко производство на оружје во Украина, за безбедноста на земјите кои се директно загрозени од Руската специјална воена операција, како Молдавија, за зајакнување на границата на Украина со Белорусија и отстранување мини.

Претседателот Макрон денеска во Прага ќе разговара со чешкиот претседател Петр Павел за чешката иницијатива за пронаоѓање на 1,4 милијарди долари за купување на 800.000 парчиња муниција, и од калибарот што го користи НАТО и од советската, што Чешка се согласи да ја набави од трети земји, а се очекува францускиот претседател денеска да ја соопшти сумата што Франција би ја инвестирала.

Со чешкиот премиер Петр Фијала, претседателот Макрон ќе разговара првенствено за нуклеарната енергија, бидејќи на тендерот за изградба на нов реактор во централата Дуковани учествува француската компанија ЕДФ, а чешката влада планира наместо два да изгради, дури четири нови реактори во нуклеарните централи Дуковани и Темелин.

Макрон и Фијала ќе го потпишат и Акцискиот план на стратешкото партнерство на Франција и Чешка за периодот од 2024 до 2028 година.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author