jagninja

28.03.2024 Скопје

Според последните извештаи, околу 80% од македонските јагниња веќе се откупени и се подготвени за извоз за католичкиот Велигден, при што главната дестинација е Италија.

Откупната цена која ја добиваат сточарите е помеѓу 220 и 240 денари за килограм жива мера, цена која според нив не ги покрива основните трошоци за производство.

Зоран Тасески, сточар од долненските села, изрази загриженост за иднината на овчарството во земјата.

„Оваа цена што ни ја понудија е ниска, но мора да ги продадеме јагнињата за да ги добиеме субвенциите“, ни изјави тој.

Тасески истакна дека ако не беа субвенциите, тешко дека би можеле да опстанат во оваа сточарска гранка.

Додека италијанските потрошувачи ќе уживаат во македонското јагнешко месо, македонските потрошувачи ќе се соочат со малопродажни цени од околу 800 денари за килограм, што е значително повисоко од откупната цена.

„Тешко дека ќе има јагнешко за православниот Велигден. И тоа што ќе остане, ќе има цена од околу 800 денари за килограм“, рече Тасески, изразувајќи загриженост за достапноста и цената на јагнешкото месо за домашните потрошувачи.

Со оглед на овие предизвици, македонските сточари се наоѓаат во тешка ситуација каде што мора да балансираат меѓу потребата за економска одржливост и задоволувањето на домашните потреби за квалитетно јагнешко месо.

Подготвено од М.Д.

About Author