21.03.2024 Скопје
На 5 април, со почеток во 20 часот, на сцената на Националната опера и Балет, ќе се изведе балетскиот спектакл „Лебедово езеро“ од Петар Илич Чајковски.
Под диригентската палка на Бисера Чадловска, во кореографија на Виктор Јаременко од Украина, во улогата на Одета/Одилија ќе настапи примабалерината Марија Кичевска-Шокаровска, во улогота на принцот Зигфрид ќе настапи Франциско Хименез Руиз (Шпанија), Ротбарт е Балаж Лочеи (Унгарија), па де труа: Христина Наќевска, Наташа Трендафилова Гицев, Ендру Кук (Англија). Сценографијата и костимографијата се на Андреј Злобин и Гана Ипатиева од Украина, концерт-мајстор е Верица Ламбевска. Настапуваат солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и Балет.
Балетска класика „Лебедово езеро“ ја раскажува вечната борба помеѓу доброто и злото. Легендата за мистериозната лебед жена е еден од најромантичните класични балети и се карактеризира со многу елеганција, стил и хармонија. Со познатата лирска мелодија на П. И. Чајковски, „Лебедово езеро“ ја отсликува трагичната љубов помеѓу принцезата Одета и принцот Зигфрид. Ова универзално и волшебно ремек-дело на љубов, измама и драма не смее да се пропушти.
Подготвено од М.Д.