25.03.2024 Скопје
Публиката што ја исполни салата на Национална установа Центар за култура Крива Паланка синоќа уживаше и во еден глас пееше со популарната македонска музичка дива, Каролина Гочева, на концертот со кој и официјално беше отворена програмата на манифестацијата “Крива Паланка -Град на културата”.
-Силни импресии на публиката од извонредниот настап на македонската музичка дива, неповторливата, една и единствена, Каролина Гочева. Салата во НУ Центар за култура ечеше, во еден глас се пееја песните од албумите “Македонско девојче” и “Извор” на композиторот и продуцент Никола Мицевски, кој со својот бенд ја придружуваше Каролина. Сите генерации уживаа во интерпретацијата на : “Сакам да не те сакам”, “Ако згрешам нека изгорам”, “Две златни лири”, “Пролет, лето, есен, зима”, “Ѕвона “, “Бели цветови”, “Да е сон” и многу други. Концертот е вистински музички подарок и полн погодок за официјално отворање на манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата”, напиша градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски на својот Фејсбук профил.
Програмата “Крива Паланка -Град на културата” за месецов ќе биде заокружена со денешната традиционална манифестација “Невестинско поклонение на свети Теодор Тирон” во село Конопница, со почеток во 13 часот.
Подготвено од М.Д.