26.03.2024 Скопје
Потребно е да се донесат законски измени за казнување на луѓето кои поттикнуваат кампањи против вакцинација, ова го изјави министерот за здравство Илир Демири, кој јавно се обврза дека ќе преземе мерки да се утврди како е основано Здружението на антиваксери и по кој законски принцип функционира. Според него, секоја изјава во медиумите треба да се проследи и, како што вели, да се види точно кој стои зад антиваксерските кампањи. Демири довербата на граѓаните освен со казни за антиваксерите ќе ја враќа и со широк фронт за поддршка на имунизацијата. Вели, не смее да има лажни вести и дезинформации кои освен групи ги шират и лекари и затоа министерот ќе иницира и законски измени.
„Ќе влијаеме и со промена и со додавање на законски нормативи и ќе бидат казнети сите што потегнуваат кампањи против вакцинацијата“, вели д-р Илир Демири, министер за здравство.
„Јас имам прочитано од една колешка, имам слушнато уште за една. Меѓутоа Фејсбук е сива зон, и ние, односно и други земји нема како да го спречат тоа“, вели проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, претседател на ЛКМ.
Медицинската елита денеска во Лекарската комора стави потписи на декларација со која сакаат да испратат порака за важноста на имунизацијата особено во време кога имаме епидемија на голема кашлица во главниот град, а се заканува и епидемија од морбили поради нискиот опфат со МРП. Ако скопјани избегнуваат да одат во пунктовите, во Кичево опфатот е 96 и имаат свои методи како да допрат до родителите.
Подготвено од М.Д.