27.03.2024 Скопје
Какаото на њујоршката берза за еден ден поскапе за повеќе од 700 долари за тон и неговата цена надмина 9.000 долари за тон, па поскап е од бакарот.
Фјучерсите на какаото во Њујорк дополнително се зголемија по веста за финансиски проблеми во Гана, вториот најголем светски производител на споменатата суровина.
Какаото само овој месец поскапе за околу 60 отсто, а цените годинава се зголемени повеќе од двојно поради лошите временски услови и болестите на земјоделските култури.
Трговците се загрижени за последиците од климатскиот феномен Ел Нињо, кој предизвикува суши во Западна Африка, област каде што се произведуваат 75 отсто од оваа суровина, клучна за производство на чоколадо.
Какаото се произведува првенствено во Гана и Брегот на Слоновата Коска.
Велигденските чоколадни јајца веќе поскапеа поради повисоките трошоци за какао, а некои производители ја намалуваат големината на слатките или промовираат задоволства со други состојки за да го ублажат покачувањето на цената.
Подготвено од А.Ѓ.