01.03.2024 Скопје
Претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-јул, остро ја критикуваше репресивната политика на Северна Кореја и вети дека ќе дојде до слободна и обединета Кореја, само неколку недели откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја отфрли идејата за мирно обединување на двете земји и се закани за воена окупација на југот во случај на војна.
Јужнокорејскиот претседател зборуваше денеска, на Денот на движењето за независност, празник во чест на корејското востание во 1919 година против јапонската колонијална власт.
Откако стана претседател во 2022 година, тој работеше на зајакнување на воената соработка со САД и се обидуваше да ги реши историските спорови што Јужна Кореја ги има со нејзиниот сосед Јапонија, со цел да создаде посилно партнерство на линијата Сеул-Вашингтон-Токио против нуклеарните закани што доаѓаат од Северна Кореја.
Спротивставените коментари на Јун и Ким за обединувањето доаѓаат во време на зголемени тензии на Корејскиот полуостров, што траат повеќе од две години, при што Северна Кореја ги засили ракетните тестови, а Југот ги прошири воените вежби со американската војска.
Корејскиот полуостров е поделен од крајот на Корејската војна што траеше меѓу 1950 и 1953 година и оттогаш обединувањето е декларирана цел на секој лидер на двете земји.
Подготвено од А.Ѓ.