https://www.facebook.com/photo?fbid=628622685295312&set=pcb.628622735295307

22.03.2024 Скопје

Две мастер дебати на неутрален терен, една на почетокот и втората, на крајот на изборната кампања, на кои секој од претседателските кандидати ќе добие простор да ја презентира својата програма е предлогот на актуелниот претседател и кандидат за уште еден претседателски мандат, Стево Пендаровски.

Идејата за двете мастер дебати е искомуницирана со останатите претседателски кандидати, кои засега не ја отфрлиле, но се чека конечно дали ќе ја прифатат. Секој од кандидатите ќе има можност да донесе своја публика, а ќе бидат поканети и претставници на медиумите, при што ќе постои можност да се поставуваат прашања.

Од Изборниот штаб на Пендаровски велат дека до среда чекаат конечен одговор дали останатите кандидати ќе се согласат. Мастер дебатите се за сите седуммина кандидати, така што во случај некој да прифати, а некој не, идејата нема да се реализира.

Ваквиот формат на претставување на кандидатите, како што истакнаа тие, се прави во најразвиените демократии и на тој начин секој од кандидатите ќе добие простор да ја презентира својата програма. Дебатата би траела три часа, а би се стримала на сите телевизиски канали.

Пендаровски, велат од неговиот Изборен штаб, ќе води граѓанска, европска, транспарентна и позитивна кампања и во тој контекст се прави се да се оддолее на говор на омраза преку социјалните медиуми.

Планирано е големо присуство на терен и освен поголемите митинзи во градовите, планирани се многубројни средби со граѓани. Кампањата, како што велат од неговиот Изборен штаб е насочена кон граѓаните и таа ќе биде двојазична, на македонски и албански, а ќе биде вклучен и знаковниот јазик.

Пендаровски на конвенција на 3 април ќе ја промовира програмата со која ќе настапи на претседателските избори, а во пресрет на големите верски празници, претседателот Пендаровски ќе ги покани сите претседателски кандидати на ифтарска и велигденска вечера.

Подготвено од М.Д.

About Author