14.03.2024 Скопје
Ковачевски и Ахмети први да седнат на полиграф затоа што секој ден нѐ лажат, рече поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини на јавната дебата за потребата од полиграфско тестирање на службениците кои работат на граничните премини.
Хајредини кажа дека нема против од воведување на ваква пракса, но тоа ќе биде мала работа и потенцира дека немаат морално право против корупција да зборуваат истите луѓе кои ги донесоа измените на Кривичниот законик со кои застареа стотици кривични дела.
„На полиграф кај нас треба да се стават овие двајцата прво. Ковачевски и Ахмети. Ова не е сарказам, ниту иронија, ниту демагогија. Полиграфот е контрола дали лаже човекот. Па ние сме сведоци дека тие секој ден лажат. Тие самите. Имаме примери колку сакате да земеме“, рече Хајредини.
Владимир Пивоваров национален координатор за гранично управување, истакна дека оваа иницијатива за примена на полиграфот како превентивно средство е заснована на истражувања кои се вршени од првиот ден од осамостојување на државата. Тој посочи дека Владата донесе одлука во февруари на седница за отворање на јавната дебата за оваа иницијатива.
„Во нашите предлози пишува дека тоа ќе биде еднаш годишно задолжително за секој кој работи на тоа ризично работно место. Доколку таквиот службеник не го помине полиграфот тоа се снима, значи се прават повеќе тестови од лиценцирани професионалци со најсовремени апарати за детектирање на лаги. Тие се доставуваат веднаш до обвинителот и замислата е таквите луѓе веднаш да бидат отстранети од тоа работно место затоа што велиме ако злосторникот се враќа на место на злосторството тогаш нема да има функционирање на општеството, односно тоа ќе биде сериозен проблем по опстојување на самата држава“, рече Пивоваров.
Во однос на технички кадри кои се потребни за да се спроведе полиграфското истражуање, тој посочува дека според негови сознанија, во моментов во државата има само четворица лиценцирани полиграфски истражувачи. Сепак, додава, доколку државата и партиите го прифатат овој предлог ќе биде започнат процес на обуки, на ново лиценцирање и на користење најсовремени апарати, што вели, би било минимално вложување за да добиете многу во делот на економијата.
Сепак за дел од експертите, проблематичен е моментот на поднесување на оваа иницијатива и ја оценуваат како обид за политички маркетинг, а дел забележуваат и на проблемот со неиплементацијата на законите.
Се предвидува до средина на април да бидат завршиме сите пет дебати, по што Националниот координативен центар за гранично управување треба да го изготви предлогот и до 1 јуни да го достави извештајот до Владата. Доколку Владата го усвои и го достави до Собранието, се очекува тој да се гласа од следниот собраниски состав.
Ако се усвои предлогот, тогаш ќе треба да се формира посебна институција под капата на Собранието, за да се исклучи политичко влијание. Еднаш годишно и полиграфистите ќе одат на тестирање за да се провери и нивната чесност.
Подготвено од М.Д.