fudzi japonija

06.03.2024 Скопје

Планинарите кои сакаат да стигнат до врвот на јапонската планина Фуџи преку најпопуларната рута ќе мора да платат 13 долари по лице од јули, а бројот на планинари ќе биде ограничен за да се намали гужвата и да се подобри нивната безбедност.

Искачувањето на највисоката планина во Јапонија, која е покриена со снег во поголемиот дел од годината, создава се повеќе гужви.

Секоја година во периодот кога е дозволено искачувањето – од јули до септември – планинскиот врв привлекува повеќе од 220.000 посетители.

Но, властите одлучија да наплатат котизација од 2.000 јени или 13 долари по лице од 1 јули за искачување на познатата вулканска патека Јошида.

Дневниот влез на патеката ќе биде ограничен на 4.000 луѓе, со забрана за влез помеѓу 16:00 и 2:00 часот, според декретот усвоен од регионот Јаманаши во понеделникот.

„По укинувањето на ограничувањата за Ковид, тука почнаа да пристигнуваат повеќе луѓе. Сакаме сите да бидат соодветно облечени за искачување на планината и да бидат добро подготвени“, изјави член на локалната власт Тошиаки Касаи.

„Планираме да ги замолиме посетителите да ги следат социјалните мрежи за да ги ажурираат информациите за дневниот број на посетители“, додаде тој.

Секое лето има туристи кои се искачуваат на планината Фуџи со несоодветна опрема за планинарење.

Некои спијат на патеката или палат оган за да се загреат, а многумина се обидуваат да стигнат до врвот висок 3.776 метри без да се одморат, поради што често се разболуваат или повредуваат.

Активниот вулкан има три други главни правци кои туристите можат да ги користат за да стигнат до врвот, но повеќето туристи ја претпочитаат патеката Јошиду, до која е релативно лесно да се стигне од Токио. Според официјалните податоци, околу 60 отсто од алпинистите ја избираат оваа рута.

Планината Фуџи е околу два часа возење со воз од центарот на Токио.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author