27.03.2024 Скопје
Јапонската влада го одобри планот за продажба на борбени авиони од новата генерација на големите земји, што го развива со Италија и Велика Британија.
Оваа одлука е контроверзна поради принципот на пацифизам, на кој Токио се повикува по Втората светска војна, но ќе и помогне на Јапонија да ја изгради својата воена индустрија и да добие улога во глобалната безбедност.
Владата, исто така, одобри ревизија на правилата за трансфер на воена опрема и технологија за да се дозволи продажба на смртоносно оружје на други земји кои не се партнери.
Главниот секретар на кабинетот Јошимаса Хајаши изјави дека овие промени се неопходни со оглед на безбедносното опкружување во таа земја, но посочи дека тоа не ги менува пацифистичките принципи на Јапонија.
Во претходниот период Јапонија почна да се откажува од политиката на ограничување на воениот извоз, поради зголемувањето на регионалните и глобалните тензии, особено со соседна Кина.
Со овој потег Јапонија ќе може да го замени стариот американски авион Ф-2 со нови авиони кои заеднички се произведуваат со Италија и Велика Британија како дел од програмата „Бура“.
Поради критиките од политичките противници и загриженоста на јавноста, владата на Кишида засега го ограничи извозот на заедничко произведено смртоносно оружје во 15 земји со кои Јапонија има одбранбени партнерства и вети дека оружјето нема да се користи во активни војни.
По Втората светска војна, Јапонија има традиционална политика на мир, но поради растечките тензии со Кина, како и војната на Русија против Украина, почна се повеќе да инвестира во одбраната, со план да стане една од најважните фактори на регионалната безбедност во догледна иднина.
Подготвено од А.Ѓ.