SLAVJANKA PETROVSKA I GVIDO KROSETO

29.03.2024 Скопје

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето денеска во Центарот за обука на пилоти во касарната во Петровец, ќе го потпишат Техничкиот договор за вклучување на Италијанските воздухопловни сили во НАТО мисијата за воздухопловно патролирање над македонското небо, соопштија од Министерството за одбрана.

На потпишувањето на Техничкиот договор со кој Италија и официјално ќе биде вклучена во оваа НАТО мисија, како што е најавено, ќе му претходи заедничка средба на двајцата министри.

„Небото на Република Северна Македонија со официјалниот почеток на НАТО „air policing“ мисијата во нашата земја во декември 2021 година, и официјално стана дел од колективниот систем на Алијансата за воздушно патролирање. Досега, воздухопловното патролирање беше доверено на грчкото воено воздухопловство, а отсега тоа ќе се врши со воздухоплови на грчките и на италијанските воздухопловни сили, во координација со военото воздухопловство на Армијата на Република Северна Македонија“, се додава во соопштението.

Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Центарот за комбинирани воздухопловни операции во Торехон, Шпанија.

Подготвено од М.Д.

About Author