balkan mapa

11.03.2024 Скопје

Секој народ на Балканот тврди дека е најстар. Оригиналната верзија. Меѓутоа, неодамна објавената студија открива дека сите балкански народи имаат речиси идентичен генетски материјал.

„Адам и Ева биле Срби. Или Хрвати. Дефинитивно Албанци, Бугари или Бошњаци. Насекаде преовладува верувањето дека дека баш тој еден, сопствен народ, е најстариот народ во јужна Европа“.

Со овие зборови започнува текстот објавен минатиот викенд во весникот Ноје Цирхер Цајтунг ам Зонтаг.

„Распространет е и ставот дека постои заеднички етнички идентитет, кој не се заснова само на култура, јазик и религија туку и на биолошко потекло. Овој етно-или генетски национализам беше една од причините за крвавите деведесетти и граѓанската војна во републиките на поранешна Југославија.

Ментсот беше: Прво бевме овде, вредиме повеќе од другите, сосема сме различни, затоа можеме да доминираме со другите и да ги истераме. Ова размислување е широко распространето и денес.

Српскиот новинар Ратко Дмитровиќ, кој подоцна стана министер за семејство и демографија, во 2018 година изјави дека Србите, Хрватите, Бошњаците и Црногорците се од исто потекло: сите тие се Срби. „Не е тешко да се признае вистината. Не боли“, напиша тој на Твитер.

Според него, другите етнички групи се всушност Срби кои едноставно ја предале српството.

Поранешниот хрватски министер за образование, доктор и генетичар, Драган Приморац, смета дека „повеќе од три четвртини од денешните Хрвати се потомци на античките Европејци кои живееле во последното ледено доба пред 20.000 години во областа на денешна Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина”.

Студија на Харвард: Нема значајни генетски разлики

Тие приказни се научна глупост, како што докажува новата студија од Харвард.

„Доколку ми ја дадете ДНК на некоја личност и требаше да ви кажам дали тој е Хрват или Србин, ќе беше исклучително тешко. Хрватите, Србите и другите се културни поими, но тие не ја одразуваат многу старата диференцијација во нивната демографско-генетска историја“, вели археогенетичарот Инџиго Олалде, еден од авторите на студијата Генетска историја на Балканот од римската граница до миграцијат на Словените, кој беше објавен во декември.

Во студијата, тие ги анализирале податоците од ДНК на 146 скелети на луѓе кои живееле во првиот милениум од нашата ера и биле ископани од 20 различни локации на Балканот – во Хрватска, Србија, Северна Македонија, Бугарија, Романија, Грција и Албанија.

Резултатите го откриваат следново: прво, генскиот базен на сите овие индивидуи е сличен и второ, тој е речиси идентичен со генскиот базен на денешните југоисточни Европејци.

„Без оглед на современите национални граници, населението во нашата истражувачка област е обликувано од слични процеси на миграција и промени“, вели Олалде. Ова сугерира дека важни демографски настани кои придонеле за формирање на денешните групи се случиле уште околу 1000 г.

Миграциските текови може да се следат и преку ДНК анализа. Помеѓу 250 и 550 година од нашата ера, луѓето од централна и северна Европа и Понтско-касписката степа пристигнале во југоисточна Европа. По завршувањето на римското владеење, односно помеѓу 6 и 10 век, од североисточна Европа дошле сè поголем број мигранти кои зборувале словенски.

Според студијата, нивната ДНК денес може да се најде кај 30 до 60 отсто од населението на Балканот. Овие мигранти не ги замениле луѓето кои живееле во регионот за време на бронзеното или железното време, туку се мешале со нив.

Генетскиот материјал на луѓето од бронзеното и железното време може да се најде кај околу 22 отсто од денешното население, а генетскиот материјал на предците од западна Анадолија во околу 23 отсто, вели Олалде.

Прашањето е дали студијата ќе го најде својот пат до свеста на пошироката јавност на Балканот. Затоа што овде некои „научници“ придонесуваат за националистичка и расистичка историографија. Во Хрватска тоа беа теориите на Фрањо Рачки. Тој тврдеше дека Хрватите пристигнале во „делумно празна куќа“ за време на миграцијата, па затоа не се мешале и дека сегашното население директно потекнува од доселениците што зборуваат словенски.

Директорот на Центарот за студии на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, вели дека критичкото мислење за поделбата на етнички групи не е широко распространето.

„Има многу повеќе санирани историски наративи кои ги игнорираат примесите и врските“, вели тој.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author