20.03.2024 Скопје
На денешниот панел „Современа дијагноза и третман на рак на дојка“, што се одржа во Белград по повод Националниот ден на борбата против ракот на дојка, 20 март, беше соопштено дека најдоцна до јуни ќе бидат достапни иновативни лекови за лекување на рак на дојка кај жените во европските земји.
Директорката на Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“, Верица Јовановиќ, истакна дека ракот на дојката е најчеста малигна болест кај женската популација во развиените земји во светот, како и во Србија.
Таа посочи дека, според податоците на Институтот, годишно од рак на дојка заболуваат околу 4.500 жени, но дека е позитивно што стапката на смртност од година во година се намалува.
„Намалувањето на стапката на смртност е резултат на долгогодишна работа на зголемување на информациите на жените за важноста на мамографијата како скрининг преглед“, изјави таа.
Таа рече дека во периодот од 2013 до 2023 година зачестеноста на умирање од рак на дојка во Србија се намалила за 16,8 отсто и додаде дека се очекува таа да се намали за уште 20 отсто во следните десет години.
„Тоа значи дека со вакви акции и учество на сите во заедницата, пред се на здравствениот сектор, може да се очекува заеднички одговор за навремена контрола на здравјето на жените, достапноста на мамографија на сите нивоа на здравствена заштита и работењето на мобилна мамографија и навремено лекување со сите иновативни процедури и лекови кои даваат позитивен исход“, објасни таа.
Државниот секретар во Министерството за здравство на Србија, Вичко Ференц, рече дека постојат некои начини на живот кои можат да влијаат на намалување на статистиката за болести, како здрава исхрана, избегнување стрес, пушење и алкохол.
„Наша вистинска цел е да ги најдеме оние пациенти кои се болни во навидум здрава популација, за тоа служат скринингот и раното откривање, што би ни помогнало да најдеме луѓе кои се болни и немаат никакви симптоми, а тоа треба да биде во прва фаза на болеста, кога во повеќе од 90 проценти од случаите успешно заздравување е нашата цел“, рече тој.
Посочи дека ресорното министерство се залага жените редовно да одат на лекар, бидејќи има доволно персонал, апарати за ултразвук, мамографи, а болеста може навреме да се открие и успешно да се лекува.
Претставничката на Републичкиот фонд за здравствено осигурување (РЗЗО), Мирјана Узуновиќ Мако, рече дека Фондот ја препознава важноста на иновативните лекови и дека во последните години континуирано се инвестираат се повеќе пари, како и дека лековите за рак на дојка кои се на списокот ќе бидат достапни за пациентите во Србија најдоцна во јуни.
„Со усвојувањето на оваа листа, жените кои боледуваат од рак на дојка се лекуваат со истите лекови како и жените во Европа. Сите лекови за рак на дојка ќе бидат достапни за нашите пациенти. Лекот за тројно негативен рак на дојка, со кој жените не можеа да се лекуваат до сега, ќе бидат достапни од јуни, а можеби и порано“, рече таа.
Шефот на онкохематолошкиот оддел на Институтот за онкологија во Војводина, Лазар Поповиќ, рече дека е значајно што на позитивната листа се наоѓаат лекови наменети за третман на ран карцином на дојка за сите подтипови.
„Ќе можеме да ги третираме нашите пациентки слично на Западна Европа“, рече тој.
Претседателот на Управниот одбор на Фондот Б92, кој учествуваше во организацијата на панелот, Веран Матиќ, истакна дека унапредувањето и едукацијата се важни за жените да бидат свесни дека мора да одат на превентивни прегледи.
„Акцијата 77 жени за седум дена беше организирана во 2008 година и успеавме да собереме пари за да купиме дигитален мобилен мамограф“, рече тој.
Подготвено од А.Ѓ.