13.03.2024 Скопје
Извештајот на американското Министерство за труд покажа дека инфлацијата во САД благо забрза во февруари, како одраз на многу поблаг пад на цените на бензинот.
Годишната стапка на инфлација во најголемата светска економија во февруари изнесува 3,2 отсто, покажуваат податоците на Министерството. Во јануари таа изнесуваше 3,1 отсто.
Без цените на храната и енергијата, базичната инфлација изнесува 3,8 отсто и е за 0,1 процентен поен пониска во однос на јануари, покажуваат пресметките на Министерството. Цените на храната пораснаа за 1,0 отсто во февруари, нешто поблаго отколку на почетокот на годината.
Бензините, пак, поевтинија за 3,9 отсто во однос на ланскиот февруари. Во јануари неговите цени беа за 6,4 отсто пониски од пред една година. Домаќинствата во февруари потрошиле 8,8 отсто помалку на гас. Во јануари тој беше дури 18 отсто поевтин од претходната година.
На месечна основа, потрошувачките цени во февруари пораснаа за 0,4 отсто, нешто посилно од почетокот на годината. Истиот процентуален раст е забележан и кога се исклучени енергијата и храната, како и во јануари, покажуваат табелите на министерството.
Цените на бензините значително пораснаа на месечно ниво, за речиси четири отсто, откако во јануари паднаа за повеќе од три отсто. Цените на храната, пак, се задржаа на нивото од јануари кога пораснаа за 0,4 отсто.
Подготвено од А.Ѓ.