28.03.2024 Скопје
ГТЦ повторно прокнижи загуба. Минусот за 2023 година изнесува 28.180 илјади денари или 458,2 илјади евра. И, значително е помал од оној во 2022, од 39,758 илјади денари, односно 646,5 илјади евра.
Иако во првата половина од минатата година излезе од негативната фаза, во која е веќе подолг период, на Друштвото не му успеа да опстои во позитива. По првите сто одработени денови објавија дека се во плус 130 илјади евра, а на крајот од второто тримесечје 89 илјади евра.
Во текот на минатата година, остварените приходи се зголемиле за седум насто и достигнале над четири милиони евра. Сепак, раст има и кај трошоците, за два проценти. Тука се работи за износ од 4,5 милиони евра.
Во кусото образложение, од ГТЦ наведуваат:
„Целта на нашето работење е да оствариме позитивни резултати во наредниот период за тековната 2024 година, со максимално ангажирање и целосно искористување на капацитетите со кои располага нашето Друштво“.
Заложбата и постигнувањата се различни. ГТЦ загубата ја влече со години. На крајот од деловната 2020 биле запишани -662 илјади евра, а во 2021 минусот бил 581 илјади евра.
Сигурно е дека гордоста на Скопје и скопјани падна во сенка на шопинг моловите, но лошите резултати паѓаат на товар на менаџментот, кој управува со триесеттина проценти од деловниот простор. Добар дел од дуќаните се во приватна сопственост, но тоа не е доволно за да бидат вклучени во управувачката структура.
Едноставно, ГТЦ го има статусот на фирма за вдомување партиски кадри, а освен тоа имаше и скандали, но не и одговорност.
Со Друштвото раководи Одбор на директори. Ѓоко Трајчевски е извршен член и извршен директор, а како што пишува на нивната веб-страница и магистер по правни науки. Магистер, но по економски науки е неизвршниот член Бранко Цветановски. Во составот има уште двајца неизвршни членови – професорката по физичка култура, Трајанка Тасевска, која ја има функцијата на претседател на Одборот, и Стојан Станиславски, со диплома за социјална работа и политика.
Подготвено од М.Д.