grcijaaaaa

11.03.2024 Скопје

Владата на Грција изгласа нов закон, а премиерот Кирјакос Мицотакис најави дека ќе се стави ред на плажите.

Минатата година, Грците организираа движење на граѓаните за слободни плажи и против нелегално поставените лежалки и чадори од баровите, кое од островот Парос се прошири во други делови на Грција.

Овој закон веќе доби зелено светло од парламентот.

Гркиот премиер Кирјакос Мицотакис објасни дека 70 отсто од површината на плажата треба да биде слободна и ќе треба да постои минимално растојание од четири метри од морето до првиот ред лежалки, за да нема повеќе ситуација кога лежалките беа во вода.

Мицотакис, воедно, и додаде дека за плажите што се во заштитените области Натура, наместо 70. ќе треба да биде слободна 85 отсто од површината, односно лежалки и чадори ќе биде дозволено да бидат поставени на само 15 отсто од плажата.

Со овој закон, исто така, за прв пат се воведуваат и т.н. „негазени“ плажи со посебна еколошка вредност каде што не се дозволени лежалки или воопшто каква било експлоатација.

За да се добие лиценца за користење плажа, задолжително ќе биде учеството на електронска лицитација, а по добивањето, концесионерот ќе биде обврзан да ја чисти плажата, да обезбеди пристап за лица со инвалидитет и да постои спасувач.

Грчкиот премиер истакна дека имаат изгласано нов закон кој става ред на нивните плажи и во суштина прави три работи: се обезбедува слободен пристап на сите плажи за сите, се користат нови технологии како за тендерите за плажите така и за контролите и се воведуваат построги казни за оние што ќе го прекршуваат законот.

Во однос на спроведувањето на законот, истакна дека ќе има многу поинтензивни контроли и построги казни за прекршувачите.

„Прво, многу повеќе контроли и употреба на технологијата. Ако видите некој дрон да лета над плажа, може да е во рамките на контролите што ќе ги спроведуваме. Второ, вие самите ќе ни помогнете да го спроведеме законот. Како? Преку специјална апликација на која јасно ќе се гледа на кое место од плажата и на колкав дел ќе може да се постават чадори и лежалки. А ако концесионерот на кој било начин го прекршил законот, ќе ни го пријавите тоа. Да ни кажете и ние ќе спроведеме контроли. И на крај, зголемување на казните. Доста високи за да знаат сите дека ќе постојат, не само строги економски последици, туку дури и затворање на бизнисот што ќе го прекрши законот“, порача грчкиот премиер.

Посочи дека законот не се однесува на урбанистичко планирање и условите за градба, а задолжителното растојанието од 50 метри од крајбрежјето за градење не се менува.

Подготвено од А.Ѓ.

About Author